Јувентус ги одработи подготовките во Јужна Кореја, а на последниот контролен меч одигра 3:3 против олстар-тимот на фудбалери кои се дел од корејската лига. Иако мечот беше возбудлив и имаше дури шест гола, околу 60.000 навивачи останаа разочарани бидејќи во игра воопшто го немаше Кристијано Роналдо.
Тренерот на Јувентус, Маурицио Сари, се правдаше дека Роналдо се пожалил на болки во мускулот и било одлучено тој да не игра. Просечниот билет за овој меч изнесуваше 300 евра, а Сари се правдаше дека морало Португалецот да паузира.
„Беше очекувано да игра помалку во овие мечеви, бидејќи се жалеше на повреда на мускулот. Во договор со Павел Недвед и самиот Роналдо, одлучивме дека на тој меч Кристијано воопшто не може да игра. Не смеевме да ризикуваме. Ако сакате да го гледате Роналдо, дојдете во Италија, а јас ќе ви платам билет за мечот“, рече Сари.
Компанијата „Фаст“, која беше организатор на мечот, најави дека во договорот со Јувентус постоело клаузула во која Кристијано Роналдо морал да се појави на теренот и да игра. Затоа сега на Јувентус му се заканува тужба.
„Кога видовме дека Роналдо нема да влезе во игра во второто полувреме, побаравме од Јувентус да го исполни договорот. Ни рекоа дека тренерот и играчот се свесни за клаузулата во договорот, но дека Кристијано нема да може да игра поради проблеми со повредите. Потоа не сакаа да контактираат со нас“, велат од компанијата која го организираше мечот.