Кристијано Роналдо вчера во Мадрид, кога ја добиваше наградата „Легенда на Марка“, кажа дека не е лесно да се освои Лигата на шампионите, а како пример ја спомна Барселона, за која рече дека потрошила многу пари во последните четири-пет години и никако да го освои тој посакуван трофеј.
Роналдо посакува и со Јувентус да стане европски првак, оптимист е дека ќе успее во 2020 или 2021 година.
Што се однесува до парите кои ги потрошија Каталонците во последните пет години, сумата е дури 966 милиони евра, а последното финале и титула во ЛШ им е во 2015 година. Затоа Роналдо, кој во овој период со Реал освои три титули, токму во Мадрид потсети на податокот за ривалот.
Од 2015 година наваму, клубот купи многу фудбалери, но никој не беше незаменлив во почетниот состав, дури ни скапите Кутињо и Дембеле за кои се платија 160 односно 145 милиони. Ова лето донесени се Гриезман (120 милиони), Де Јонг (84 милиони) и Нето (35 милиони).
Од продажба на играчи, Барса од 2015 наваму заработила 467 милиони, од кои речиси половина се од трансферот на Нејмар во ПСЖ, а за 50 милиони го продадоа Паулињо.