Која е причината на враќањето на Вејн Руни во Англија

Вејн Руни се враќа во Англија. Изненадувачки, но докажаниот голгетер ќе си оди од САД, иако има уште од договорот со Ди Си Јунајтед. Новиот предизвик ќе му биде во Дерби каунти. Англискиот второлигаш му понуди на Руни да биде тренер и играч во тимот, а поранешниот репрезентативец без многу двоумење ја прифати понудата.

„Морав да донесам одлука за мојата иднина и сметам дека ја направив вистинската. Имав желба да се вратам во Англија со цел да продолжам со моето усовршување во тренерската работа. Добив прекрасна можност да соработувам со тренер каков што е Коку, па затоа оваа понуда не можев да ја пропуштам“, истакна Руни, кој неделно ќе заработува околу 100.000 фунти.

Сепак, желбата за напредување во тренерските води не е клучното за Руни да си оди од САД. Неговата сопруга Колин не можела да се навикне на начинот на живот во Америка и барала од Вејн да се вратат во Англија.

„Повеќе од една година Колин го молеше Вејн да се вратат во Англија. Таа бараше за прв пат Руни да го стави семејството пред кариерата и фудбалот. Со овој потег Руни ќе загуби многу милиони од договорот со Ди Си Јунајтед, но реши дека семејството му е најважно“, пренесуваат англиските медиуми коментар на човек близок до семејството.

Колин и Вејн имаат четири деца. Таа и децата веднаш ќе се вратат во Англија, а Руни треба да ја доработи сезоната и на почетокот на следната година ќе си замине од САД.

 

- Оглас -

Најнови вести