Елиф Елмас го покажа целиот свој раскошен талент во дуелот против еден од најсилните клубови во светот, Барселона, Македонскиот репрезентативец беше стартер за Наполи и одигра речиси еден час, пред да биде повлечен од игра. Неколку моменти пред да биде заменет, Елмас беше повреден во еден дуел со Серхио Бускетс.
Капитенот на Барселона, остро стартуваше над Елмас, кој се жалеше на болка на левиот зглоб на ногата. Фактот за тоа како Бускетс влегуваше во дуелите со Елмас, доволно зборува дека еден од главните играчи во средниот ред на Барселона, добро го почувствува талентот на Елиф.
Италијанските медиуми во своите анализи се сложни дека Елмас го одиграл најдобриот меч за Наполи, а Барселона бил вистински предизвик за него. Во првиот дел од мечот, Елмас одлично се движеше, го имаше буквално на секој дел од теренот, па не е ни чудо зошто во вториот дел играчите на Барселона беа многу поагресивни кога топката ќе дојдеше кај Македонецот.