Откако Црвена ѕвезда почна со продажба на пакет-билетите за мечевите од Лигата на шампионите, утрово на благајната на стадионот „Рајко Митиќ“ има огромна колона од фанови кои чекаат да дојдат на ред за да купат карти за трите меча од ЛШ.
Огромниот интерес е очекуван, илјадници фанови со нетрпение чекаат првпат да ја видат Ѕвезда во групите од ЛШ. Цените на пакетите се од 7.500 до 18.000 српски динари, а еден човек може да добие најмногу два пакети. Благајните ќе бидат отворени секој ден до 18 часот, но судејќи според стартот на продажбата, картите брзо ќе бидат распродадени.
Меѓу оние што чекаа да дојдат до билети има фанови и од другите градови во Србија, но и од околните земји, како Македонија, Црна Гора и Република Српска во БиХ.
Првиот меч на Ѕвезда во ЛШ е на 18-ти септември дома против Наполи. На 6-ти ноември во Белград доаѓа Ливерпул, а на 11-ти декември ќе гостува ПСЖ. Поединечни билети за овие три меча веројатно ќе има многу малку.