Хирвинг Лозано пристигна во Италија, а веќе од утре ќе чекори по добро утврдениот пат што ќе го доведе во Неапол. Мексиканскиот репрезентативец најпрво утре рано наутро ќе ги мине медицинските прегледи во Рим, а потоа ќе пристигне во градот Под Везув и ќе ќе потпише договор со вицешампионот на Италија со важност до 2024 година.
Истиот пат летово пред Лозано го мина и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, за рекорден трансфер во македонски рамки вреден вкупно 19 милиони евра.
Лозано ќе го урне трансфер-рекордот на ПСВ Ајндховен со сума од 50 милиони евра, кои ќе ги инкасира холандскиот клуб за трансферот на 23-годишниот офанзивец.
Лозано имаше прекрасна сезона во ПСВ и со 17 гола беше прв стрелец на клубот и вкупно четврти во Ередивизија. Претходно, најголем трансфер од редовите на гигантот од Ајндховен имаше Мемфис Депај, кога пред 4 години потпиша за Манчестер јунајтед за сума од 34 милиони евра.