Апсолутниот владетел во италијанскиот фудбал, Јувентус, денеска ќе ја почне одбраната на титулата во Серија А на премиерниот меч во новиот шампионат против Парма на „Енио Тардини“ од 18 часот.
Старата Дама има рекордни 35 титули, осум од нив по ред од 2012 и повторно е прв фаворит за титулата. Со засилувањата Де Лихт, Демирал, Рабио, Рамзи и Данило „црно-белите“ одлично пазареа во летниот преоден рок и предводени од волшебникот Кристијано Роналдо се пик број еден за деветтата круна едноподруго во Калчото. Тренерот Масимилијано Алегри е минато за шампионот, а Маурисио Сари ќе се обиде да го продолжи блескавиот шампионски пат на најтрофејната италијанска екипа.
Предизвикот да го симнат апсолутниот владетел од тронот во 116-то издание на Калчото пред се го прифатија вицешампионот Наполи и тандемот гиганти од Милано, Интер и Милан.
Од квартетот најсериозни кандидати за титулата само Наполи не го смени стратегот, а Карло Анчелоти остана за да се обиде да го разгори Везув и да ја донесе титулата во Неапол по цели 30 години пауза. Адут ќе му биде и Елиф Елмас, новиот македонски рекордер според паричниот износ на трансферот од 19 милиони евра, што летово му беа платени на Фенербахче за дијамантот. Пристигна и Хирвинг Лозано, потоа и Манолас, што го прави Наполи сериозен кандидат за освојување на третото Скудето во клупската историја.
Наполи ќе ја започне трката денеска во Фиренца од 20.45 часот против Фиорентина, еден од клубовите што одлично го сработи преодниот рок и ги донесе Рибери, Пулгар, Лирола, Кевин Принс Боатенг… најавувајќи големи амбиции во новата сезона.
Гигантите од Милано го будат шампионскиот дух
Интер по долг период ги разбуди страстите кај своите навивачи дека може сериозно да му се закани на Јувентус. Нероаѕурите го копираа рецептот на вечниот ривал од „Дербито на Италија“ и ги купија поранешните Јувентини, тренерот Антонио Конте и фудбалскиот маг за спортскиот дел Џузепе Марота. И двајцата знаат како се освојуваат титули, ги имаат во колекцијата како дел од шампионската машинерија на Јувентус, па сега ќе се обидат да го изненадат својот поранешен клуб.
На „Џузепе Меаца“ летово пристигнаа два аѕурни бисери, Николо Барела и Стефано Сенси, потоа и искусните Ромелу Лукаку и Диего Годин, па ако се разреши и јазолот со Мауро Икарди, Интер може да му конкурира на Јувентус и на останатите аспиранти за титулата.
На истиот стадион, но со поинакво име „Сан Сиро“ и навивачите на Милан ќе гледаат кон самиот врв на табелата.
Токму Милан е последниот клуб што пред апсолутната 8-годишна доминација на Јувентус ја освоил титулата во Италија, па се надеваат дека тие ќе ја намамат Старата дама со приказната за лажна деветка. Новиот тренер Марко Џампаоло ќе се обиде да го разбуди шампионскиот дух на Милан, а ќе помагаат и засилувањата Рафаел Леао, Тео Ернандес и Исмаел Бенасер.
Кам-бек на Балотели и Несторовски во Серија А, „Ил Мачедоно“ е феномен
Од сенка на подвиг ќе се надеваат и Рома, Аталанта, Лацио, Торино и веројатно и Фиорентина, што го затвора поширокиот круг на фаворити за пехарот.
Интересно ќе биде да се проследи и кам-бекот на Марио Балотели, кој ќе игра за Бреша, потоа и Наинголан, кој се врати во Калјари, а и Македонија ќе има еден повратник во Серија А. Илија Несторовски потпиша тригодишен договор со Удинезе и по авантурата во Калчото со Палермо, повторно е со елитата во една од најпривлечните лиги на светот.
Секако за нас интересен ќе биде и новиот настап на популарниот „Ил Мачедоно“, на македонската фудбалска легенда Горан Пандев за Џенова. Тој е еден од активните фудбалери со најмногу настапи во Калчото, лани ја мина границата од 400, а и на 36-годишна возраст се уште има знаење и сила да се носи со помладите во Серија А.
Двојки, прво коло:
Денеска: Парма – Јувентус 18 часот, Фиорентина – Наполи 20.45 часот.
Утре: Удинезе – Милан 18 часот, Рома – Џенова, Калјари – Бреша, Сампдорија – Лацио, Спал – Аталанта, Торино – Сасуоло и Верона – Болоња, сите од 20.45 часот.
Понеделник: Интер – Лече 20.45 часот.