Адеми одигра 300 натпревари за Динамо, може да стане трети во историјата по број на настапи

Аријан Адеми на натпреварот против Истра 1961 стана седми фудбалер во историјата на Динамо Загреб со 300 настапи на официјални натпревари. Македонскиот репрезентативец со 17 пехари е најтрофеен играч во историјата на Динамо, а до крајот на сезонава има шанса да стане и трети на вечната листа на играчи по број на настапи во дресот на загрепскиот клуб.

Утре Динамо му гостува на Осиек, а Адеми ако игра, ќе се изедначи со Златко Крањчар и Драгутин Вабец со по 301 настап за Динамо. Среќко Богдан има 304, а Марко Млинариќ 307. Сезонава Адеми не може да ги стигне само Младен Рамљак, кој има 337, и рекордерот Дражен Ладиќ, со 468 настапи.

Адеми, кој ја носи капитенската лента на Динамо, во клубот дојде во летото 2010 година, прв тренер му беше Велимир Зајец и ако не беа кратката позајмица во Локомотива во пролетта 2012 година и двегодишната суспензија поради допинг, тој веќе ќе беше втор по бројот на одиграни мечеви за Динамо. Ако се гледаат само натпреварите во европските купови, Адеми е рекордер на Динамо со 84 меѓународни мечеви.

- Оглас -

Најнови вести