Ајакс, Манчестер ј., Јувентус успеаја, дали денес е ред на Арсенал?

Реванш-мечевите од осминафиналето во Лигата на шампиони донесоа многу изненадувања и резултати кои претходно никогаш не биле постигнати. Сè започна со победата на Ајакс против Реал во Мадрид од 4-1, што значеше и елиминација на Кралскиот клуб, иако во Амстердам славеше со 2-1.

По таа сензација на Ајакс, следуваше ново изненадување, и тоа во режија на Манчестер јунајтед. Најтрофејниот англиски клуб во првиот меч загуби на „Олд Трафорд“ од Пари Сен Жермен, па Французите очекуваа лесно да поминат пред своите навивачи. Сепак, Манчестер јунајтед за првпат во историјата успеа на гостински терен да анулира 0-2 победувајќи со 3-1 на „Паркот на принцовите“.

Последен во низата е Јувентус. Италијанскиот првак во вторникот одигра одличен меч во Торино и со 3-0 го победи Атлетико Мадрид. Тоа беше доволно за „старата дама“ да ја достигне негативата од 2-0 што ја имаше по средбата во Мадрид.

Тоа што им успеа на овие големи европски шампиони, вечерва треба да биде мотив за англискиот Арсенал. „Топчиите“ не се дел од ЛШ, но и во Лигата на Европа има мотив за игра, бидејќи освојувачот си обезбедува место за ЛШ во следната сезона. Арсенал игра на свој терен во Лондон против Рен и ќе мора да брка негатива од 3-1. Тоа значи дека лондончани мора да победат барем со 2-0 ако сакаат да одат понатаму.

Откако во 2009 година е формирана Лигата на Европа, само еден тим во историјата успеал да помине понатаму по пораз од 3-1 на првата средба. Тоа е Фулам, и тоа против гигантот Јувентус. Лондончани во Торино загубија со 3-1, а дома победија со 4-1. „Топчиите“ дома имаат 21 победа во 23 средби и тоа е знак дека Рен ќе го очекува „пекол“. Арсенал треба да докаже дека е клуб за високи дострели.

 

- Оглас -

Најнови вести