Италијанскиот репрезентативец и член на Виртус Болоња, Акиле Полонара, е соочен со нова и тешка животна борба откако му е дијагностицирана миелоидна леукемија, објави неговиот клуб.
Полонара, кој пред две години помина низ операција за отстранување тумор на тестисите, сега се соочува со уште посериозна здравствена состојба – малигно заболување на коскената срж.
„Клубот Виртус информира дека Акиле Полонара во изминатите недели беше подложен на специјалистички медицински прегледи, по што му беше дијагностицирана миелоидна леукемија. Во моментов е хоспитализиран во болницата Сент Орсола во Болоња, каде што започна со специјализирана терапија. Целото семејство на Виртус е со Акиле и неговите најблиски. Аки, со тебе сме и те чекаме!“, стои во соопштението од клубот.
Тешката вест доаѓа во период кога Виртус Болоња се бори за титулата во италијанската Серија А. Тимот моментално води со 2-0 во финалната плејоф-серија против Бреша.