Ако тргне по стапките на Дончиќ и Модриќ, и овој Лука може да биде легенда на Реал

Српскиот напаѓач Лука Јовиќ денеска го потпиша договорот со Реал Мадрид и беше претставен пред медиумите и навивачите во Мадрид. Јовиќ имаше и лекарски прегледи, а откако ги мина, тој и претседателот Флорентино Перес потпишаа, по што им се обратија на новинарите. Лука беше многу сериозен, делува како уште да е збунет од ова што му се случува и даде кратка изјава.

„Откако потпишав договор, јас сум најсреќниот човек на светот. Многу сум емотивен во овие моменти. Сигурен сум дека со моето преминување во Реал, донесов добра одлука. Ќе дадам сè за Реал Мадрид да освојува титули“, рече Јовиќ, за кого Реал на Ајнтрахт му плати 60 милиони евра.

Потоа следуваше заминување во соблекувална, каде што костумот и вратоврската ги замени со новиот, бел дрес на најголемиот клуб на светот, па истрча на теренот на „Сантијаго Бернабеу“, каде што го поздравија илјадници фанови. На дресот што го носеше Лука немаше бројка на грбот бидејќи уште не се знае кои броеви ќе бидат слободни.

Фановите коментираат дека доколку тргне по стапките на своите имењаци, кошаркарот Дончиќ и Модриќ, кои станаа најдобри во Европа носејќи дрес на Реал, и од третиот Лука може да се очекуваат големи нешта.

- Оглас -

Најнови вести