Ал-Келаифи: Мбапе 200% останува во ПСЖ, Нејмар никој не го тераше да потпише за нас

Најдобриот млад фудбалер на светот, Килијан Мбапе, сигурно останува во ПСЖ и во следната сезона, но останувањето на Бразилецот Нејмар е под голем знак прашалник. Насер Ал-Келаифи, кој е сопственик на клубот, вели дека е сигурен дека Мбапе останува во тимот, но не го кажа тоа и за Нејмар, за кого плати 222 милиони евра за да го донесе од Барселона.

„Сигурен сум дека Мбапе во следната сезона ќе го носи дресот на ПСЖ. Не сум 100 проценти сигурен, туку 200. Нема да го продадам тој вонсериски играч. А, Нејмар, никој не го тераше со сила да потпише за нас. Тој веруваше во проектот и затоа ни се придружи. Сакам играчи кои ќе даваат максимум додека играат за ПСЖ и работата ќе си ја вршат чесно. Со тие што не сакаат да останат, ќе разговараме. Се разбира, треба да се почитуваат договорите“, рече Ал-Келаифи.

Нејмар има договор до 2022 година и секој што ќе сака да го купи, треба да потроши многу пари. Одамна се шпекулира дека Реал Мадрид би се обидел да го донесе, иако противник на таа идеја е тренерот Зинедин Зидан. И камбек на Нејмар во Барселона останува опција, а сега се спомнува и Манчестер јунајтед. Доколку Црвените ѓаволи останат без Пол Погба, за кого се интересираат Реал и Јувентус, парите од неговата продажба би ги искористиле за да го привлечат Нејмар.

- Оглас -

Најнови вести