Албанецот Ѓока е новиот тренер на Шкендија

Фудбалскиот клуб Шкендија официјално потврди дека албанскиот стручњак Ернест Ѓока е нивниот нов тренер. Ѓока има 49 години и веднаш ќе почне со работа, првиот тренинг му е закажан за денеска.

„Шкендија е професионален и многу внимателно конструиран клуб. Моите први импресии се многу добри и мислам и се надевам дека таквите импресии кои ги имам денеска, ќе останат за целото време додека работам тука. Подготвен сум за предизвикот бидејќи се знае дека барањата на Шкендија се високи. Сакаат да сме успешни цело време, да бидеме шампиони, да одиме во Лигата на Европа, да се носиме со екипите од Лигата ан Европа, а зошто не и од Лигата на шампионите“, вели Ернест Ѓока.

Шкендија има разочарувачки старт на сезоната, во моментов се наоѓа на шестото место со големи девет бода заостанување зад лидерот Вардар.

Новиот стратег на Шкендија ќе дебитира на домашен терен против Академија Пандев. Ѓока го водеше албанскиот тим Кукс до титулата во домашното првенство и купот, a во кариерата ги предводел и Аполонија, Томори, Фљамуртари, Влазнија и Камза. На клупата на тетовскиот клуб го наследува Ерхан Селими, кој продолжува со работа во младинските категорија на Шкендија.

- Оглас -

Најнови вести