Албански репрезентативец открива: Дадовме 20.000 евра за да избегаме од Албанија

Албанската фудбалска репрезентација по вторпат во историјата ќе игра на Европско првенство откако заврши на првото место во својата група од квалификациите. Албанија со овој пласман го повтори успехот од 2016 година, кога првпат беше дел од континенталниот собир.

Еден од оние фудбалери кои уживаа во радоста за пласманот на ЕП 2024 е и напаѓачот Мирто Узуни, кој настапува во шпанска Гранада. Узуни веќе неколку години е дел од албанската репрезентација, а играчот кој игра во офанзива открива дека имал многу тешко детство.

Тој е роден во градот Берат на југот во Албанија, но кога имал само 10 години бил принуден заедно со целото свое семејство да си замине од родната земја. Во потрага за подобар живот, семејството на Мирто илегално заминало да живее во Грција.

„Плативме 20.000 евра за да ја поминеме границата на илегален начин. Бевме петмина во семејството. Во Грција влеговме преку шума затоа што Албанија не е во Европска Унија“, раскажа Узуни за шпанскиот весник „Паненка“.

Семејството Узуни започнало нов живот на островот Закинтос, а Мирто морал да работи за да помогне во семејниот финансиски буџет.

„Сите малку заработувавме, но моравме да плаќаме струја, вода, станарина. Јас работев како келнер, миев садови, берев маслинки, чистев куќи и гаражи. Сето тоа го правев на црно“, раскажува Узуни.

Додека бил на Закинтос, започнал да тренира фудбал, а неговиот талент го забележале скаути од Олимијакос. Сепак, бидејќи немал документи за легален престој во земјата, не можел да замине да тренира во грчкиот гигант.

„Фудбалот беше мојот сон, но во еден момент морав и да прекинам да тренирам. Многу ноќи плачев во својата соба и во тоалетот за да не ме види никој. Не сакав моите родители да се чувствуваат лошо. Сето тоа ми даде сила да бидам играч каков што сум сега. Никогаш, ама баш никогаш не сум размислувал за откажување“, вели Узуни.

По седум години поминати во Грција, Узуни се вратиле во родниот град Берат, каде што Мирто заиграл за локалниот тим на Томори. „Платата ми беше 165 евра месечно. Целата сума ја давав на моето семејство, а родителите беа многу горди на мене“, вели Мирто, кој потоа играше за Аполонија и Лаци за во 2018 година да замине во Локомотива Загреб.

Во 2020 година потпиша за Ференцварош, а неговиот квалитет го препознаа од шпанска Гранада, па од 2022 година е дел од шпанскиот тим, кој сега игра во Примера дивисион.

За албанската репрезентација досега одигра 35 меча и сега е пред остварување на сонот, а за неколку месеци треба да му се оствари сонот, а тоа е настап на Европско првенство.

- Оглас -

Најнови вести