Раководството на Јувентус и досегашниот тренер Масимилијано Алегри ќе влезат во долга правна битка за да ги расчистат односите меѓу двете страни.
Тренерот доби отказ еден ден по триумфот на „старата дама“ во финалето на Купот на Италија против Аталанта. Тогаш стратегот влезе во сериозни расправии, прво со судиите на средбата, а по нејзиниот крај и со дел од раководството на неговиот клуб. Алегри во моментите на нервоза упати и закани до главниот уредник на „Тутоспорт“, по што беше принуден да му се извини еден ден подоцна.
Токму овие постапки на Алегри беа искористени од раководството на Јувентус за да го отпуштат.
Тренерот, сепак, го оспорува неговиот отказ како неоснован и исто така ќе го тужи клубот за нарушување на имиџ правата.
Претставниците на Алегри во наредните денови ќе поднесат жалба до Судот за работни односи на Италија, што би можело да ги втурне двата тима во долготрајна правна битка доколку не успеат да постигнат брзо вонсудско решение.