Голманот на Ливерпул, Алисон Бекер, треба во следните два дена да ги обнови тренинзите со првиот тим и да се обиде да биде подготвен за саботниот дуел со Нотингам форест. Бразилецот нема одиграно ниту еден натпревар од 30 септември, кога се повреди на мечот со Галатасарај. Тоа беше и вториот пораз во лошата серија во која влегоа Црвените. Во негово отсуство, на голот на англискиот шампион застана Гиорги Мамардашвили.
Жереми Фримпонг, кој се повреди при победата над Ајнтрахт Франкфурт во Лигата на шампионите, сè уште не е подготвен да се врати на тренинзи. За неговата состојба нема нови официјални информации, но според „Ливерпул Ехо“, Холанѓанецот би требало да се врати на почетокот на декември.
Александер Исак се повреди на истиот натпревар, но тој веќе е закрепнат и ќе му биде на располагање на Арне Слот за средбата со Нотингам форест.
Џовани Леони е надвор од редовите до крајот на сезоната поради тешката повреда на коленото која ја заработи во мечот од Карабао купот против Саутхемптон.

