Карлос Алкарас се пласира во четвртфиналето на Мастерсот во Торонто откако по голема борба го победи Хурберт Хуркач во меч кој траеше речиси три часа. Младиот Шпанец на крајот победи со 3:6, 7:6 (2), 7:6 (3) и ја продолжи низата од 14 триумфи по ред.
На стартот од мечот Хуркач брзо направи брејк и поведе со 3:0 во гејмови, па до крајот ја задржа предноста за изненадувачка предност од 1:0 во сетови. Во вториот сет двајцата тенисери загубија по еден гејм на свој сервис, па стигнаа до 6:6 и мораше да се игра тајбрејк. Шанецот веќе се промовира како експерт за тајбрејк и без проблем го доби со 7:2 за да израмни во сетови.
Во решавачкиот трет сет, Алкарас започна силовито и поведе со 5:2, а потоа сервираше за победа. Имаше и две меч-топки, но не ги искористи, а Хуркач направи брејк и намали на 5:3. Потоа Хуркач влезе во серија на освоени гејмови и успеа да поведе со 6:5, па Алкарас израмни на 6:6 и повторно мораше да решава тајбрејкот.
Тука уште еднаш Алкарас покажа дека е доминантен, поведе со 6:1 и потоа го доби со 7:3. По мечот, најдобриот тенисер во светот немаше објаснување за падот во играта во третиот сет.
„Искрено, не знам што се случи. Почнав да се чувствувам лошо во тие моменти. Сепак, се бодрев и си велев дека треба да останам смирен, да се обидам да ги преживеам проблемите. На крајот го вратив доброто чувство. Големите играчи ја имаат таа способност да пронајдат начин да останат „живи“ и да го завршат мечот во своја корист. Во тешките моменти мора да верувате во себе“, рече Алкарас по победата.
Овој пад во играта на Шпанецот потсети на падот во играта во полуфиналето на Ролан Гарос на дуелот против Новак Ѓоковиќ, но тогаш загуби, а сега успеа да се врати и да победи.
Следниот противник на Алкарас ќе биде 12-тиот носител Томи Пол, кој лани во Монтреал успеа да го победи Шпанецот.