Алкараз со 16-та победа по ред на Вимблдон, кај жените испадна ланската финалистка и победничката од 2023

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз, беез проблем се пласираше во третото коло на турнирот Вимблдон, победувајќи го 733-тиот во светот, Оливер Тарвет од Велика Британија, со резултат од 6-1, 6-4, 6-4.

За 22-годишниот Шпанец, оваа победа беше 20-та на терените на Вимблдон. За да го достигне овој скор, му беа потребни 22 натпревари. Ова е изедначување на вториот најдобар резултат во историјата на Вимблдон. Рекордот во Отворената тениска ера му припаѓа на легендарниот Австралиец Род Лејвер кој имаше 20 победи во 21 натпревар.

На Вимблдон, Алкараз има 16 победи по ред, а таму загубил само од Русинот Даниил Медведев (во 2021 година) и Италијанецот Јаник Синер (2022 година). За место во осминафиналето Алкараз ќе се бори со Феликс Оже-Алиасим или Јан-Ленард Штруф.

Кај жените имаше две крупни „жртви“. Руската тенисерка Камила Рахимова (80-та на ВТА листата) за прв пат во својата кариера стигна до третото коло на турнирот Вимблдон. Таа ја победи петтата тенисерка во светот и минатогодишна финалистка на Вимблдон, Јасмин Паолини од Италија со 4-6, 6-4, 6-4.

Ема Радукану ја крена на нозе публиката во Лондон со победата од 6-3, 6-3 над Маркета Вондроушова која го освои Вимблдон пред две години. Британката Радукану во следното коло ја чека најтешката можна пречка, Арина Сабаленка.

- Оглас -

Најнови вести