Алушовски џабе викаше: Вардар зариба на гостувањето кај Мотор

Вардар го претрпе првиот пораз во регионалната СЕХА лига, откако убедливо со 30:23 загуби на гостувањето кај Мотор Запорожје. Уште од самит почеток на мечот стана јасно дека Мотор нема да има никакви проблеми да стигне до убедлива победа.

Домаќините започнаа одлично и по првите 10 минути водеа со 6:0. Првиот гол на Вардар го даде Дибиров дури во шестата минута, но тоа не беше знак дека може да има промена во играта. Домаќините во 24 минута поведоа и со 13:5, кога следуваше и тајм аут за Вардар, а тренерот Стевче Алушовски луто почна да ги кара своите играчи. 

Тој тајм аут не помогна, а Мотор на полувреме замина со предност од 16:9. Во второто полувреме Мотор стигна и до двоцифрена предност од 23:13 и до крајот на дуелот беше прашање само со која разлика ќе загуби македонскиот првак на овој меч.

Освен поразот, пред крајот на мечот се повреди и капитенот Стојанче Стоилов кој мораше да го напушти теренот со болки во мускулот на ногата, но не се знае колку е сериозно.

Во СЕХА лигата денеска играше и Еурофарм Пелистер кој одигра одлично и убедливо со 28:16 го победи Пресков од Словачка. По три кола, Еурофарм Пелистер има две победи и еден пораз.

- Оглас -

Најнови вести