Алушовски калкулира на кое место ќе биде Вардар во групата од ЛШ по утрешниот меч со Мешков

Македонскиот ракометен првак Вардар утре во „Јане Сандански“ ќе го игра последниот меч од групната фаза во Лигата на шампионите. Црвено-црните засега се на седмото место на табелата, а според калкулациите на тренерот Стевче Алушовски, македонскиот тим на крајот од групната фаза треба да заврши на шестото место.

„За нас е последен во групната фаза од Лигата на шампионите сезонава. Важен натпревар за нас и ако сè биде според најавите, би требало да бидеме на шестото место на табелата и би играле веројатно со Кил. За нас е најважно што треба да ја подигаме формата, да се докажуваме на секој натпревар. Она последното гостување во Украина не бевме на нивото на кое треба да сме. Можеби од објективни причини, бевме без неколкумина, но немаме оправдување. Очекувам во четврток машка и цврста борба што ќе ни даде поголеми шанси, Мешков сезонава го победи ПСЖ, играше нерешено и со Флензбург. Таму Сташ Скубе е лидер на екипата. Имаат 16-мина играчи на секоја позиција. Сериозен противник против кого треба сериозно да пристапиме. Оваа сезона ова шесто место би било заслужено, имавме неколку несреќно загубени натпревари и кога ќе ја сумираме групната фаза, треба да бидеме задоволни и да се спремиме за осминафиналето“, вели Алушовски.

Мартин Карапалевски, младиот 20-годишен централен бек на Вардар, вели дека посебно внимание на утрешната средба треба да се даде на некогашниот вардарец Скубе.

„Мораме добро да одиграме. Треба добро да се внимава на Скубе, тој е нивниот мотор. Сѐ оди преку него. Ако него го сопреме, ќе биде полесно. Тој нѐ знае нас, ние го знаеме него. Секој меч сезонава во Лигата на шампионите е различен, но подеднакво тежок. Ние играме добро, барем на последните натпревари во ЛШ, иако немавме многу среќата на некои од последните или пак во последните моменти грешевме. Секако, проблем е што во последно време не сме комплетни, па тоа малку ги нарушува нашите планови. Но, како што оди сезоната, сè повеќе се воигруваме“, вели Карапалевски.

Во првиот меч сезонава во групната фаза од ЛШ, Мешков Брест на свој терен славеше со 24:22.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести