8.8 C
Skopje
среда, 7 јануари 2026

Алжир по продолженија го елиминира ДР Конго и закажа четвртфинален дуел со Нигерија

Фудбалерите на Алжир се пласираа во четвртфиналето на Африканскиот куп на нации, откако вечерва во Рабат ја елиминираа селекцијата на ДР Конго со резултат 1-0.

Речиси 120 минути жестока борба се водеше во Мароко, пред Зелените конечно да ја отклучат одбраната на ривалот. Тоа го направи џокерот на селекторот на Алжир, Владимир Петковиќ – Адил Булбина, кој влезе од клупата и со фантастичен удар во стилот на легендарниот Арјен Робен го однесе својот тим во следната рунда.

Првото полувреме помина без многу возбудувања. Алжирците имаа поголем посед на топката, но Конго прв се закани преку Бакамбу, чиј удар го запре голманот Зидан.

Обидот на Туанзебе заврши покрај голот и тоа беше сè до паузата. Во продолжението од натпреварот видовме удар на Марез кој заврши над голот, а голманот на Конго, Емпаси, се истакна во два наврати, бранејќи ги ударите на Маза и Амура.

Во продолженијата следуваше голема битка. Во првите 15 минути беа покажани дури четири жолти картони, а потоа Емпаси имаше две врвни интервенции, запирајќи ги Амура и Бунеџа од непосредна близина.

Кога изгледаше дека победникот ќе се решава по изведувањето пенали, се појави златната резерва на Алжир, Адил Булбина. Фудбалерот на Ал Духаил проби по левата страна, се отвори кон средината и ја испрати топката под гредата, зад грбот на Емпаси.

Алжир во четвртфиналето на АКН ќе се соочи со селекцијата на Нигерија, која убедливо ја елиминираше репрезентацијата на Мозамбик со 4-0.

- Оглас -

Најнови вести