Во Топ 5 лигите во Европа играат голем број талентирани американски фудбалери и се создава генерација која во блиска иднина може да направи голем исчекор на репрезентативен план, па дури и атак на титула на Светското првенство во 2026 година, бидејќи за 2022 уште е рано.
Американците во 1994 година си поставија дрска и претерана цел да бидат најдобри во најпопуларниот спорт на светот и да ја прекинат доминацијата на Европа и Јужна Америка, но засега не им оди во машка конкуренција. Жените одамна се фудбалска велесила, имаат четири светски титули, но мажите уште не се ни доближија до врвот.
САД е селекција способна да изненади некој фаворит, но не е меѓу најдобрите. Во последни време се појавуваат млади играчи од САД кои предизвикуваат внимание, и создадена е добра генерација.
Последен во низата таленти кои треба да играат на голема сцена е 19-годишниот бек Брајан Рејнолдс за кого Јувентус е подготвен да плати 7 милиони евра. Јуве веќе има еден Американец, 22-годишниот Вестон Мекени, кој дојде од Шалке. Неодамна Генк се засили со Марк Мекензи кој има 21 година. Генк е клуб кој е познат како развојна средина, од таму потекнаа Де Бројне, Куртоа, Милинковиќ-Савиќ, Бејли, Малиновски…
Бренден Аронсон кој има 20 години е член на Салцбург, уште еден клуб кој промовира млад играчи, а веќе две години таму е и 21-годишниот Тајлер Адамс.
Европскиот првак Баерн Минхен во своите редови го има 20-годишниот Крис Ричардс, а едно од најпознатите американски имиња е Кристијан Пулишиќ кој е докажан, играше за Борусија, сега е во Челзи, и има 22 години. Во тимот од Дортмунд игра Џовани Рејна, кој иако само 18 години, втора сезона е првотимец.
Во низата таленти е и 20-годишниот бек на Барселона, Сержињо Дест, кој дојде од Ајакс. Само што стана полнолетен и предизвикува внимание е Јунус Муса од Валенсија.
Судејќи по ова, американската репрезентација има светла иднина.