Манчестер сити и Реал Мадрид вечерва во меѓусебен дуел треба да го дадат вториот финалист во Лигата на шампионите. По првите 90 минути на „Сантијаго Бернабеу“, средбата заврши 1:1, што значи дека вечерва во Манчестер мора да има победник. Дали тоа ќе биде по регуларните 90 минути, во дополнителните 30 минути или по пенали, ќе зависи од резултатот.
Тренерот на Реал, Карло Анчелоти, знае дека ќе биде неизвесен меч и дека мали детали ќе решаваат. Што се однесува до тоа ако дојде момент да се шутира пенал, италијанскиот стратег вели дека вежбањето на тренинг нема да има многу корист.
„Мислам дека можеме подобро да одиграме од тоа што го одигравме во првиот натпревар. Размислувам само на победа, не размислувам за пенали. Ако дојде до тоа, реалноста е дека не може премногу да тренирате за тоа. Амбиентот на стадионот нема да биде ист како тој на тренинг“, вели Анчелоти.
Искусниот стратег вели дека има позитивно чувство пред реваншот.
„Многу сум смирен, возбуден и имам верба. Имам добро и лошо чувство. Лошо е дека Халанд ќе даде гол, а дека Де Бројне ќе ја погоди нашата мрежа од далечина. Доброто е да мислам за тоа како Винисиус ќе дрибла и како Карим ќе постигне гол“, додава Анчелоти.