Стојан Ѓуроски по победата над Азербејџан:„Почнавме доста споро и меко, но се гледа дека сме поквалитетна репрезентација“

Македонската кошаркарска репрезентација се спаси од брука на гостувањето во Баку кај Азербејџан откако со многу мака славеше над Азербејџан со 78:70 во меч од четвртото коло во претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година.

Нашата селекција започна очајно и во еден дел од втората четвртина губеше дури со 18 поени разлика од противникот, кој беше тотален аутсајдер. За среќа, македонските кошаркари потоа заиграа многу подобро во второто полувреме и на крајот стигнаа до четвртата победа во исто толку мечеви и се на првото место на табелата.

„Искрено, тешка победа, малку и очекувано ако се знае дека против Ирска одиграа доста поквалитетно. Го почнавме натпреварот доста споро. И морам да признаам доста меко. Им дадовме мотиви да знаат дека може да победат. Потоа „се стегнавме“ и го дадовме својот максимум. Ја сменивме нашата игра и стигнавме до победата. Се гледа дека сме поквалитетната екипа. Меѓутоа и на овој и на сите други натпревари мораме да влеземе максимално за да стигнеме до победата затоа што никој нема да ни ја даде. И без оглед на тоа дали губиме или водиме 20 поени, оваа репрезентација игра до крај“, рече веднаш по мечот Стојан Ѓуроски по победата во Баку.

Колку за споредба, само пред три месеца Македонија на свој терен славеше против Азербејџан со 38 разлика (87:49), а сега едвај во последната четвртина стигна до очекуваниот триумф.

- Оглас -

Најнови вести