Анчелоти откри кој е крив за историскиот пораз од Жирона

Реал Мадрид загуби на гости кај Жирона со 4:2 во меч кој ќе биде запишан во историјата на шпанското првенство. Ова е прв меч по пауза од 76 години на кој Реал Мадрид во првенството прима дури четири гола од еден играч. Тати Кастељанос е херојот на Жирона постигнувајќи ги сите четири гола во мрежата на Кралскиот клуб.

По овој пораз, Реал дополнително ги губи шансите за одбрана на тронот во првенството затоа што заостанува 11 бода зад лидерот Барселона. По дуелот, тренерот на Реал, Карло Анчелоти, беше многу разочаран.

„Ова боли, мора да се вратиме што е можно побрзо. Ова беше една од најтешките вечери, многу тешка… Сите беа виновни затоа што сите играа многу лошо. Сите фудбалери одиграа под своето ниво. Дефанзивно делувавме грозно. Бевме нервозни, ги губевме дуелите. Тоа што го видовте, не беше тим. Им се извинувам на навивачите. Ова не беше тимска игра. Кога играме тимски, можеме да победиме секого. Кога не играме, се случува ова“, рече разочараниот Анчелоти.

- Оглас -

Најнови вести