Англичаните ги бојкотираат натпреварувањата на кои учествуваат Руси и Белоруси

Боксерската репрезентација на Англија нема да учествува на Светското првенство во аматерски бокс што треба да се одржи во Узбекистан откако минатиот месец го бојкотира и женското СП што се одржа во Индија бидејќи не сакаат да учествуваат на натпреварување на кое ќе има и боксери од Русија и Белорусија.

Светското првенство е закажано од 30 април до 14 мај во Ташкент.

„Нашата одлука ја одразува постојаната загриженост за иднината на боксот во олимписката програма и неодамнешната одлука на ИБА да им дозволи на боксерите од Русија и Белорусија да се натпреваруваат под нивните национални знамиња, што е спротивно на ставот на ИОК за учество на спортисти од овие земји. Оваа одлука дополнително ја оддалечи ИБА од олимпиското движење. ИОК бара од ИБА да ги реши проблемите со транспарентноста, корупцијата и финансиско работење доколку боксот остане во олимписката програма“, соопшти англиската боксерска федерација.

Англиската федерација исто така соопшти дека се солидаризира со украинските боксери, тренери, но и со народот од оваа земја по руската воена инвазија.

Следно натпреварување на кое ќе учествуваат ќе биде официјалниот квалификациски турнир за Олимписките игри во Париз во 2024 година што треба да се одржи во Полска.

- Оглас -

Најнови вести