Победите на Нотингам форест и Рајо Ваљекано вечерва придонесоа на повидок да биде варијантата Шпанија да има пет, а Англија дури шест екипи во Лигата на шампионите следната сезона.
Премиер лигата има гарантирани четири места, петтиот веќе го добија благодарение на резултатите на англиските екипи во еврокуповите, а ако Нотингам форест ја освои Лига Европа, и Шумарите ќе бидат дел од европската елита. Форест ја победи Астон вила со 1-0 и има добра шанса да дојде до финале во кое би бил фаворит, па опцијата Англија да има дури шест тима во ЛШ не е нереална.
Преку Премиер лигата, во ЛШ би играле Арсенал, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул и Астон вила, а Нотингам форест како првак на Лига Европа.
Вечерва причина за задоволство имаат и Шпанците. Шпанија е во мртва трка со Германија за петти тим во ЛШ, покрај гарантираните четири кои ги имаат овие две земји. Победата на Рајо Ваљекано и поразот на Фрајбург, ја ставија Шпанија на пол-позиција да добие петти тим. На Германците нема да им биде доволно само Баерн да дојде до финале (и притоа Атлетико и Рајо да испаднат), туку ќе мора да чекаат и на победа или можеби реми на Фрајбург против Брага. Ако Баерн биде елиминиран од ПСЖ, се чини дека Шпанија ќе биде таа што ќе има пет тима.

