Порто ја освои титулата во Португалија, Фариоли конечно дојде до трофеј

Порто го освои шампионатот на Португалија. Тоа стана факт откако Змејовите ја совладаа Алверка со минимални 1-0 во натпревар од 32-то коло и математички го заверија трофејот. Со два преостанати натпревари, тие станаа недостижни на врвот со предност од девет бодови пред второпласираната Бенфика, која претходно исто така му помогна на вечниот ривал во борбата за титулата, ремизирајќи 2-2 против Фамаликао.

На Порто му беше доволен и само еден бод на домашен терен против Алверка, но сепак тимот преку Јан Беднарек постигна погодок во 40-тата минута, што ја направи прославата на „Драгао“ уште повозбудлива.

Со оваа победа завршува двегодишната доминација на Спортинг Лисабон, кој беше шампион во сезоните 2023/24 и 2024/25, додека за Порто за ова е прва титула од сезоната 2021/22.

За тренерот Франческо Фариоли, овој успех претставува голем пресврт во кариерата. Минатата година тој беше на чело на Ајакс и прокоцка девет бодови предност во Ередивизие, а во текот на оваа сезона Порто доживеа елиминации од Лига Европа и Купот на Португалија.

Сепак, и покрај притисокот, младиот италијански стратег ја задржа стабилноста во домашното првенство, го предводеше Порто до титулата и обезбеди директен пласман во групната фаза од Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести