Репрезентацијата на Чешка конечно го најде лекот за тоа како да се победи Англија во меч од квалификации за големо натпреварување. Англија немаше пораз во квалификации за ЕП или СП, цели 10 години. Гордиот Албион загуби од Украина со 1:0 на 10 октомври 2009 година во квалификациите за СП, а оттогаш до сега одиграа вкупно 43 средби и немаа неуспех. Некогашниот светски првак имаше биланс од 34 победи и 9 нерешени, се до вечерашново гостување кај Чешка.
Англија добро започна и поведе со голот на Хари Кејн од пенал во 5 минута. Сепак, само четири минути подоцна, домаќините погодија за 1:1 преку Брабец. Се чинеше дека ремито ќе биде конечен резултат, но во 85 минута Ондрасек погоди за голема радост на Чешка и прв пораз на Англија по една декада.
Овој пораз на Англија воопшто не му одговараше на Косово, кое остана на третото место во групата, но сега има четири бода помалку од Чешка.