Антиќ не се повлекува, нема дефинитивна одлука дали останува селекторот Тодоров

Раководството на Кошаркарската федерација на Македонија и селекторот Александар Тодоров на прес-конференција ги потврдија ставовите дека имаат измешани чувства по квалификацискиот циклус за Евробаскетот 2022 година.

„Кај мене има измешани чувства, од една страна неуспехот да се пласираме на ЕП, а задоволство што успеавме да направиме од аспект на доведување нови лица во тимот. Како и по секој настан, така и сега, продолжуваме понатаму. Оптимист сум, сметам дека имаме физиономија за квалификациите за ЕП 2025, тие што имаат по 17-18 години ќе бидат постари, со помош од некои од постарите, Македонија нема да има проблем да се пласира на следниот Евробаскет“, рече селекторот Александар Тодоров.

„И кај нас се поделени чувствата. Оној натпревар во Скопје со Естонија испадна дека е клучен за овие квалификации. Јас сум горд како се покажавме во Русија. Освен против Русија, на сите други мечеви бевме блиску до победа, но неискуството и невоиграноста беа пресудни. Не може да гледаме црно и бело, затоа се измешани чувствата и не може да се каже дали е успех или неуспех“, изјави спортскиот директор Тодор Гечевски.

„Има одредено подмладување, но младинците имаа епизодна улога. Не зборуваме за екстремно подмладување и смена на генерации, сепак, носители се искусни играчи. Ги повикавме тие што мислевме дека се најдобри“, додаде директорот.

„Во краток рок ќе го добиеме извештајот, потоа на Стручен совет ќе се разговара и заедно ќе се донесе одлука дали Тодоров останува селектор. Договорот му беше врзан со пласман на ЕП, но немаме дефинитивна одлука“, појасни Гечевски.

„Не се размислува на оставка, ние како Федерација сите предуслови ги исполнивме. Не може ние да играме на терен. Продолжуваме како и досега, во интерес на кошарката“, рече претседателот на КФСМ, Перо Антиќ.

- Оглас -

Најнови вести