Арсенал веќе си обезбеди огромна заработка од настапот во Лигата на шампионите оваа сезона, откако со пласманот во финалето инкасира најмалку 105,6 милиони евра, пренесува „Би-Би-Си“.
Според информациите, конечната сума може да достигне и до 150 милиони евра, во зависност од приходите од ТВ-правата што клубот ќе ги добие од УЕФА. Доколку лондонскиот тим го совлада ПСЖ во финалето, вкупната заработка дополнително ќе се зголеми.
Арсенал доби 18,62 милиони евра само за учество во групната фаза, а со одличните резултати следуваа и дополнителни бонуси. Осумте победи во групите му донесоа уште 16,8 милиони евра, додека пласманот меѓу најдобрите осум клубови вредеше дополнителни два милиони евра.
Клубот заработи и 9,9 милиони евра поради високата позиција во групната фаза, а потоа следуваа уште 11 милиони за осминафинале, 12,5 милиони за четвртфинале и 15 милиони евра за место во полуфиналето.
Со самиот пласман во финалето, Арсенал веќе доби уште 18,5 милиони евра, а доколку ја освои титулата против ПСЖ, наградата ќе порасне на 25 милиони евра.
Големото финале во Лигата на шампионите се игра на „Пушкаш Арена“ во Будимпешта, со почеток од 18 часот.

