Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Осман Дембеле, порача дека неговиот тим со максимален респект го очекува финалето од Лигата на шампионите против Арсенал, истакнувајќи дека лондонскиот состав е меѓу најдобрите екипи во Европа.
Францускиот репрезентативец зборуваше за претстојниот спектакл, за амбициите на ПСЖ и за влијанието што тренерот Луис Енрике го има врз неговата игра.
„Арсенал е извонреден тим. Покажаа дека играат одличен фудбал, силни се во сите линии и особено опасни при прекините. Имаат и фантастичен тренер кој заврши одлична работа. Микел Артета заслужи да ја освои Премиер лигата и да биде дел од финалето на Лигата на шампионите“, изјави Дембеле.
Францускиот офанзивец нагласи дека денес чувствува многу поголема одговорност отколку во претходните фази од кариерата, но токму тоа му претставува дополнителен мотив.
„Имам огромна желба да освојувам трофеи со овој клуб. Индивидуалните признанија доаѓаат потоа. Најважно ми е да бидам корисен за тимот и да придонесам на секој натпревар“, истакна Дембеле.
Тој додаде дека составот на ПСЖ е млад, амбициозен и гладен за успеси, а евентуалниот триумф во финалето би претставувал уште едно историско достигнување за парискиот клуб.
Посебни пофалби упати и на адреса на Луис Енрике.
„Многу напредував под водство на Луис Енрике, и со топка и без неа. Ми дава јасни тактички задачи, а јас се трудам тоа да го покажам на теренот“, рече Дембеле.
Фудбалерот откри и дека не стравувал дека ќе го пропушти финалниот натпревар поради неодамнешната повреда.
„Навреме престанав да играм и затоа немаше ризик. Сега сум целосно подготвен и стопроцентно фокусиран на финалето“, порача ѕвездата на ПСЖ.

