Арбелоа со подвиг што на ниту еден друг тренер на Реал Мадрид не му успеал во ЛШ

Реал Мадрид потврди доминација во дуелите со Манчестер сити и по вторпат само за една недела го победи. Овојпат шпанскиот гигант со 2:1 славеше на гостински терен во Манчестер и со вкупен резултат од 5:1 се пласира во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Ако минатата недела Федерико Валверде постигна два гола, синоќа во елемент беше Винисиус јуниор постигнувајќи ги двата погодоци за нова победа. По завршувањето на дуелот во Манчестер, огромно беше задоволство кај тренерот на Реал, Алваро Арбелоа.

„Лига на шампионите е нешто специјално за Реал Мадрид. Игравме против еден од најсилните тимови во светот и на крајот заслужено победивме на двете средби. Ретко кој веруваше дека можеме да победиме двапати против Сити. Овие месеци работиме многу напорно. Знам дека имам уште многу да учам, но јас сакам да продолжиме да победуваме затоа што ако загубиме, повторно ќе се вратат сомнежите кај некои луѓе. Не се осмелувам да речам дека победив тренер каков што е Пеп Гвардиола. Ова е заслуга на играчите. Пред неколку месеци не би верувал дека ова може да се случува“, задоволно коментираше Арбелоа по средбата.

Тренерот на Реал Мадрид ја објасни одлуката на почетокот на второто полувреме да го замени голманот Тибо Куртоа.

„Куртоа сакаше да продолжи да брани и во второто полувреме. Сепак, викендов ни претстои дуел против Атлетико Мадрид и затоа решив да има нула ризик“, вели Арбелоа.

Тренерот кој пред неколку месеци седна на „жешкото столче“ испиша историја затоа што тој е првиот тренер во историјата на Реал Мадрид кој успеал да победи на првите четири средби по ред во Лигата на шампионите. Едноставно, Арбелоа покажа дека има квалитет, иако многумина го оспоруваат неговото знаење.

- Оглас -

Најнови вести