Арбелоа верува: Историјата на Реал Мадрид е изградена врз невозможни нешта

Реал Мадрид ќе има тешка задача да се пласира во полуфиналето од Лигата на шампионите. Кралскиот клуб загуби со 1:2 по првиот меч одигран во Мадрид од Баерн Минхен и вечерва на „Алијанц арената“ ќе се обиде да ја надополни негативата. Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, е полн со оптимизам дека 15-кратниот европски првак може да се пласира во полуфиналето од елитното натпреварување на УЕФА.

„Имаме голема желба. Убедени сме дека можеме да направиме пресврт. Подготвени сме да одиграме еден голем натпревар. Ако има клуб кој верува во пресврт, тоа секако сме ние. Никој не знае каков ќе биде резултатот на крајот. Не знам дали ова ќе биде финале пред финале, но факт е дека двата клуба се со богата историја. Според мене, нема да биде чудо ако победиме. Сите оние кои го познаваат Реал Мадрид, знаат дека евентуална наша победа нема да биде никакво чудо. Историјата на Реал Мадрид е изградена на невозможни нешта. Ние сме подготвени да се бориме и да ја направиме уште поголема историјата на клубот. На првиот меч, за најдобар играч на средбата беше прогласен нивниот голман. Затоа никој нема да биде изненаден ако победиме во Минхен“, рече Арбелоа.

Стратегот на Реал потенцира дека уште сега го знае почетниот состав и додаде дека верува во квалитетот на неговите фудбалери.

„Го знам стартниот тим со којшто ќе му се спротивставиме на Баерн Минхен и тоа ми дава дополнителна самодоверба. Верувам и во играчите кои ќе бидат на клупата за резерви и кои ќе влезат на теренот. Играчите веруваат, сите во клубот веруваат“, додаде Арбелоа.

- Оглас -

Најнови вести