Аргентина првпат по 11 години ќе биде без Лео Меси и Ди Марија

Актуелниот светски првак Аргентина ги продолжува квалификациите за пласман на следниот планетарен собир кој ќе биде во 2026 година. По шест одиграни кола, Аргентина е лидер во квалификациите со 15 бода, а следните два предизвици ќе ги има против Чиле на свој терен, а потоа и против Колумбија на гости.

Токму овие два меча ќе бидат посебни за Гаучосите затоа што ќе бидат без двајцата лидери на теренот. Лионел Меси и Анхел ди Марија нема да играат, а националниот тим без еден од овие двајца на теренот беше нешто незамисливо, и тоа повеќе од една деценија.

Ова ќе биде првпат по 2013 година Аргентина во составот да биде и без Меси и без Ди Марија. Последен пат тоа се случило на 15 октомври 2013 година, кога Аргентина загуби од Уругвај со 2:3, во квалификациите за СП 2014 година.

Меси и Ди Марија се и олимписки прваци со Аргентина на Игрите во 2008 година, а заедно во националниот тим играа неверојатни 16 години. Ди Марија ја заврши репрезентативната кариера по триумфот на Копа Америка пред еден месец, а Меси уште е капитен и предводник на оваа јужноамериканска селекција.

- Оглас -

Најнови вести