Арне Слот е избран за најдобар менаџер во Премиер лигата за изминатата сезона. Холанѓанецот, кој го предводеше Ливерпул до титулата, ја доби наградата што го носи името на сер Алекс Фергусон.
Победникот беше објавен на специјална церемонија во Лондон. Слот не присуствуваше на настанот во знак на солидарност со повредените во инцидентот во понеделникот, кога автомобил влета во група навивачи на Ливерпул за време на шампионската парада на Црвените во градот.
Congratulations to Liverpool Manager Arne Slot on winning the Barclays Premier League Manager of the Year! 🏆#LMAAnnualAwards | @BarclaysFooty | @premierleague pic.twitter.com/kceFRTyL3L
— LMA (@LMA_Managers) May 27, 2025
За Слот ова беше дебитантска сезона во Англија, а наградата ја освои во конкуренција со Томас Франк, Еди Хау, Нуно Еспирито Санто и Витор Переира.
Последен пат менаџер на Ливерпул оваа награда ја доби во 2022 година, кога под водство на Јирген Клоп тимот освои 92 поена и заврши на второто место на табелата. Клоп триумфира и во 2020 година, а рекордер во изборот е Алекс Фергусон, кој 11 пати е прогласен за менаџер на сезоната.