Седум дена пред затворањето на трансферниот прозорец, менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, изјави дека не чувствува очајна потреба да ја засили офанзивата на тимот и покрај шпекулациите за трансфер на Александер Исак од Њукасл.
Слот нагласи дека има повеќе од доволно решенија во нападот, иако клубот претходно испратил понуда за шведскиот напаѓач.
„Зависи од тоа како ќе гледате“, започна Слот. „Ако го додадете Флоријан Вирц како офанзивна опција, тогаш имаме пет. Го продадовме Дарвин Нуњез и го доведовме Уго Екитике. Лучо (Дијас) повеќе не е тука, можеби Вирц може да се смета за негова замена. И, да, сите знаеме што се случи со Диого Жота. Ако гледаме така, може да изгледа дека немаме доволно, но кога Жереми Фримпонг е здрав, и тој може да игра како крило. На крајот, тоа се шест напаѓачи за три позиции. Задоволен сум со тоа“, истакна Арне Слот.
Слот додаде дека Вирц може да биде искористен и како „лажна деветка“, слично како што Кертис Џонс играше минатата сезона против Манчестер сити (2-0) и Астон вила (2-2).
„Може ли Вирц да игра на врвот на нападот? Да, може. Би размислил да го користам таму почесто. Но, тоа зависи од повеќе фактори – тактиката, противникот, па дури и потребата уште за еден играч во средниот ред. Засега тој е опција и за лево крило, а може да биде искористен и во претстојниот меч. Коди Гакпо, пак, одигра одличен натпревар против Борнмут“, истакна холандскиот стратег.
Дуелот со Њукасл вечерва е во сенка на сагата со Исак, кој веќе подолго време е надвор од тимот поради повреда на бутниот мускул. Напаѓачот не настапи на претсезонската турнеја во Азија и сè уште не тренира со соиграчите.
Слот, сепак, не смета дека целата ситуација ја нарушила релацијата меѓу Ливерпул и Њукасл.
„Единствениот премиерлигашки менаџер со којшто сум си пишувал пораки е Еди Хау. Разменивме неколку пораки по финалето од Лига купот и очекувам исти односи и сега. За мене, ништо не се променило“, заврши стратегот на Ливерпул.