Менaџерот на Ливерпул, Арне Слот, го објасни отсуството на Мохамед Салах од почетниот состав при поразот од 0-1 од Галатасарај на гостувањето во Истанбул, во второто коло од групите во Лигата на шампионите. Египетскиот репрезентативец влезе во игра во 62-рата минута.
„Нè очекуваат многу натпревари во наредните денови. Прво излегуваме против Челзи во многу важен дуел од Премиер лигата. Затоа мора да ги искористиме сите играчи. Во многу натпревари нашите фудбалери имаат влијание како резерви. Пред натпреварот разговаравме за хет-трикот на Салах последниот пат кога влезе како резерва против Ренџерс. Тогаш менаџер на шкотскиот тим беше мојот сегашен асистент Џовани ван Бронкхорст“, изјави Слот.
Според него, Галатасарај победи затоа што играл повнимателно и ја искористил ситуацијата за пеналот.
„Разочарани сме. Видов различно издание на нашиот тим во споредба со мечот против Кристал палас. Игравме добро и имавме голема шанса да поведеме со 1-0. Тешко ми е да го споредам ова со нешто од минатото. На моменти сме надмудрени и не можам да ја обвинам Собослаи за грешката. Од пенал со 20 проценти шанса, тие направија 100 проценти, тоа беше многу мудро од нивна страна“, рече Слот.
„Не мислам дека сме далеку од нивото што го покажувавме минатата сезона. Понекогаш овие резултати се должат на распоредот. Да се игра против Галатасарај секогаш е тешко. Разликите се мали во споредба со минатата сезона. Во првото полувреме видов многу убави моменти, но по паузата беа значително помалку. Исто така, во вториот дел времето за игра беше помалку. Нивните напаѓачи лежеа на земја четири или петпати. Тешко беше да собереме инерција“, заклучи менаџерот на Ливерпул.