Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, проговори јавно за прв пат по трагичната смрт на Диого Жота. Холанѓанецот рече дека сите во клубот секогаш ќе го носат Португалецот во своите срца и умови и откри што им кажал на играчите за да можат да продолжат со своите секојдневни обврски во оваа тешка ситуација.
Шампионите веќе почнаа со тренинзи, а денес го одиграа и својот прв натпревар од предсезоната. Ливерпул победи со 3:1 против Престон, а целиот фокус беше насочен за оддавање почит за Жота.
„Секогаш ќе го носиме со нас во нашите срца, во нашите мисли, каде и да одиме. Особено во тешки времиња. Повлекувањето на бројот со кој играше беше единственото нешто што можевме и требаше да го направиме. Ништо не изгледа важно кога ќе размислиме за тоа што се случи. Но, ние сме фудбалски клуб и мора повторно да тренираме и да играме, сакаме или не“, рече Слот, а потоа продолжи:
„Она што им го кажав на играчите, можам да го кажам и тука. Многу е тешко да се пронајдат вистинските зборови бидејќи постојано се расправаме за тоа што е соодветно во оваа ситуација. Што е соодветно да се прави, што е соодветно да се каже? Можеме ли повторно да вежбаме? Можеме ли повторно да се смееме? Можеме ли да се налутиме ако има погрешна одлука? Им реков дека можеби најдоброто нешто што можеме да го направиме е да се справиме со оваа ситуација како што направи Жота. Мислам дека Жота секогаш беше свој, без разлика дали разговараше со мене, со своите соиграчи, со персоналот. Затоа, да се обидеме да бидеме свои. Значи, ако сакаме да се смееме, ќе се смееме; ако сакаме да плачеме, ќе плачеме. Ако сакаат да тренираат, можат да тренираат, ако не сакаат, можеби нема да тренираат. „Но, важно е да бидат самите себе, да не мислат дека мора да бидат различни од она што им го кажуваат нивните емоции“, изјави тренерот на Ливерпул, Арне Слот.