11.8 C
Skopje
среда, 24 септември 2025

Арне Слот збесна по тешката глупост на Екитике

Напаѓачот на Ливерпул, Уго Екитике, беше исклучен по постигнувањето на победничкиот гол против второлигашот Саутхемптон во осминафиналето од англискиот Лига куп и сега нема да игра против Кристал палас во следното коло од Премиер лигата.

Французинот постигна гол во 85-тата минута и истрча кон трибините на „Енфилд“ за да го покаже соблечениот дрес. Очигледно Екитике заборави дека веќе има жолт картон, па доби втора јавна опомена и беше исклучен.

Александер Исак го постигна својот прв гол за Црвените и иако не е во потребната форма, сега тој ќе биде стартер на дуелот со Палас бидејќи Екитике нема право на настап.

По натпреварот, менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, остро го критикуваше потегот на Екитике.

„Не е глупаво само затоа што му беше втор жолт картон, глупаво е дури и ако немаше жолт картон пред тоа. Можеби сум старомоден, но да поминев покрај тројца играчи и да постигнев гол со шут во горниот агол, тогаш можеби би можел да кажам дека и јас ќе го направев тоа. Но, ако постигнев гол како што постигна Уго, ќе се свртев кон Кјеза и ќе му речев: ‘Ова е за тебе, Федерико – одлична асистенција, одлично трчање, не морав многу да правам’. Навистина беше глупаво тоа што го направи Уго“, критикуваше Слот. 

Екитике се огласи преку социјалните мрежи.

„Бев возбуден што му донесов победа на тимот на мојот прв меч во ова натпреварување. Емоциите ме совладаа. Им се извинувам на сите“, напиша Екитике, кој летово дојде од Ајнтрахт и игра во одлична форма.

- Оглас -

Најнови вести