Атлетик Билбао и Мајорка вечерва од 22 часот на „Ла Картуха“ во Севилја ќе го играат фидналето на шпанскиот куп, а баскискиот клуб кој е фаворит за победа, побара од своите навивачи кои ќе бидат на стадионот, да не ја исвиркуваат шпанската химна.
Баскијците ја исвиркуваат химната на Шпанија во секоја прилика, веројатно така ќе биде и вечерва, но клубот јавно побара од нив да не го прават тоа.
„За финале со најголема почит!
Атлетик бара да се воздржите од дејствија или демонстрации кои може да се сметаат за недостаток на почит, вклучувајќи го и моментот на интонирањето на химната. Почитувањето е еден од основните принципи на нашиот клуб. Ние сме институција која е горда што има единствен идентитет во фудбалот. Во согласност со нашето барање за почит, спортски дух и различност како сопствени вредности на ентитетот, Атлетик бара од своите навивачи да се воздржат од извршување дејствија или демонстрации кои би можеле да се сметаат за незаконски за време на финалето на Купот што се игра оваа сабота. Почитувањето на кој било симбол или химна во спортските натпревари, а Светските првенства во фудбал, рагби или Олимпијадата се најдобри примери, претставува приказ на образование, учтивост и толеранција што ги надминува другите прашања или барања. Финалето на Купот е забава“, велат од Билбао, клуб кој е симбол на Баскија, никогаш не испаднал од првата шпанска лига, има 23 титули во купот, и во него играат само Баскијци.