Аутсајдерите најефикасни пред стартот на ЛШ

Црвена ѕвезда влегува во елитното натпреварување, во фазата по групи во Лигата на шампионите, како најефикасен состав од сите учесници. Секако, се бројат головите постигнати во домашните шампионати, а „црвено-белите“ се на врвот на континентот со 22 погодоци.

Денеска на „Маракана“, или како што стадионот се нарекува „Рајко Митиќ“, ќе имаат шанса ефикасноста да ја потврдат на дело против, исто така, напаѓачки ориентираниот тим на Наполи.

Зад „црвено-белите“, по бројот на голови е ПСВ Ајндховен, екипа која има тежок тест денеска на „Камп ноу“ против Барселона. Бергвајн, Лозано, Переиро и останатите играчи на холандскиот претставник досега постигнаа 21 гол во домашното првенство и вкупно 13 во последните две кола.

По нив следи украински Шахтар со 20 погодоци, а Украинците ќе играат утре во ЛШ, против Хофенхајм. Уште еден аутсајдер во ЛШ, Јанг бојс со голови најавува дека ќе биде тврд орев. Утре, на домашен терен во Берн „младите момци“ ќе треба да потврдат дека се во гол-форма против Манчестер јунајтед.

Зад квартетот аутсајдери, доаѓа Пари Сен Жермен, еден од фаворитите за освојување на европската круна. Имињата на Мбапе, Нејмар, Кавани, Ди Марија… доволно говорат за офанзивниот потенцијал на „светците“ од Париз, а досега во француското првенство сите заедно постигнаа 17 голови. Прв предизвик за ПСЖ денеска е, исто така, офанзивниот состав на Ливерпул во едно од дерби-дуелите во првото коло од Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести