Австрија одигра квалитетни 90 минути во Скопје и сосема заслужено ја победи Македонија со 4:1 во мечот од четвртото коло во групата Г за пласман на Европското првенство во 2020 година.
Македонија беше инфериорна во поголемиот дел од мечот, а гостите држеа убав час по фудбал и се една од селекциите што потполно ја надиграа четата на Игор Ангеловски.
Гостите со ултраофанзива од самиот почеток на мечот најавија дека нема да калкулираат и со отворен гард тргнаа по бодовите. И можеа да поведат веќе во првата минута, но Столе Димитриевски му одбрани чист зицер на Марко Арнаутовиќ. Потоа капитенот на гостите утна уште една чиста шанса, не погоди ниту Сабицер од поволна позиција, па малку и ни се насмевна среќата.
Мартин Хинтерегер си постигна автогол во 18-тата минута, поведовме со многу помош на фортуната, но кога го осигуривме и најдобриот период, Лазаро нè казни со гол за иразмнување во 39-тата минута.
Во второто полувреме Австријците нѐ притиснаа, целосно доминираа на теренот и со 3 гола ја завршија успешно за нив скопската приказна.
Нашите репрезентативци често грешеа, а Австријците немилосрдно казнуваа. Бејтулаи во 62-рата минута направи пенал, Аранаутовиќ погоди за комплетен пресврт.
Македонскиот брод, кој изгледаше стабилно и цврсто во последно време, комплетно потона, а Арнаутовиќ ја казни грешката на Дарко Велковски и рутински зголеми на 3:1 во 82-рата минута.
Во нашата репрезентација некако се чувствуваше и замор, а Лајмер нè дотолчи со нов гол за апсолутно заслужена победа на Австрија од 4:1.
Сега следува пауза до септември, кога ќе му гостуваме на Израел, селекција која вечерва загуби со 4:0 од Полска.