Австријците велат дека ја научиле француската лекција: Сигурно ќе играме во осминафинале на ЕП

Австријците велат дека ја научиле француската лекција од претходното Европско првенство и дека сега сигурно очекуваат пласман во нокаут-фазата, односно да ја минат групата во која се и Македонија, Холандија и Украина.

Најмногу три репрезентации од Ц групата можат да се пласираат во осминафиналето, и тоа двете првопласирани, сигурно и третата на табелата ако биде меѓу четирите најдобри во конкуренција на уште пет третопласирани од останатите пет групи.

„Ја научивме лекцијата од претходното Европско првенство.Тогаш потфрливме и бевме последни, иако ремизиравме со европскиот првак Португалија. Имавме големи падови во 2016 година и сега очекувам поискусни да ја минеме групната фаза. Имаме добар тим, резултатите од подготвителниот период не нè разочараа, па верувам дека ќе ја оствариме главната цел, да играме во нокаут-фазата“, изјави Лео Винтнер, првиот човек на Австриската фудбалска федерација.

Австрија беше 19-та во конечниот пласман на минатото ЕП со порази од Унгарија со 0:2 и од Исланд со 1:2 и со реми без голови против Португалија.

Завршија како последнопласирани во Ф групата само со еден бод, а не ја минаа фазата по групи и во премиерното учество на Европските првенства во 2008 година, кога исто така беа последни само со еден бод.

Интересно е што и Украинците, кои ќе ни бидат втор ривал, по Австријците беа последни во својата група на последното ЕП, а Холандија воопшто и не се пласира на шампионатот. Со Лалињата ќе го играме последниот меч во Ц групата на ова ЕП, на 21 јуни во Амстердам.

 

- Оглас -

Најнови вести