Фудбалската експедиција на Италија во која беа и претседателот на Федерацијата, селекторот, директорот и репрезентативците вечерва положија цвеќе на ѕидот на стадионот „Крал Бодуен“ (некогашен Хејсел) во Брисел, каде што е плочата со имињата на 39-те загинати италијански навивачи кои починаа во 1985 година пред финалето на Купот на европските шампиони помеѓу Јувентус и Ливерпул.
Тие положија три комплети цвеќиња на плочата каде што се урна ѕидот, гмечејќи ги навивачите во Секторот З пред да започне финалето.
Овие цвеќиња беа зелени, бели и црвени, во боите на знамето на Италија. Цвеќе положија и претставници на белгиската влада и на Фудбалската федерација на Белгија.
Стадионот беше реконструиран и доби друго име, но се наоѓа на местото на стариот „Хејсел“, каде што 39-мина навивачи на Јувентус беа практично убиени на 29 мај 1985 година.
„Тоа мора да остане во сеќавањето на сите, ние им ја должиме таа почит на сите оние кои ги загубија животите и нивните семејства за да се осигуриме дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори. Фудбалот е составен од убави нешта, има и тажни моменти како овој што мораме да ги спречиме. Стадионот е место каде што доаѓаме да уживаме и да го сакаме овој спорт што им значи многу на луѓето. Премногу добро се сеќавам на таа ноќ, беше погубна за сите вклучени во фудбалот“, рече селекторот Лучијано Спалети.