Бабел ја спореди оваа Холандија со онаа од 2010 година: Нема веќе егоисти

Холандската репрезентација вчера во Талин дојде до лесни бодови против Естонија со 4-0. Заедно со триумфот над Германија пред четири дена, избраниците на Роналд Куман собраа шест бода во овој квалификациски циклус, па со тоа си ги зголемија шансите за пласман на ЕП 2020, иако до крајот на квалификациите им преостануваат уште четири меча за да изборат место меѓу елитата.

Од четирите гола против Естонците, два беа дело на Рајан Бабел, кој во залезот на кариерата игра како прероден во репрезентацијата. Холандските новинари вчера се осмелија да го прашаат Бабел да го спореди овој состав на Лалињата со оној од Светското првенство во 2010 година, кога станаа вицешампиони по поразот од 0-1 против Шпанија во финалето.

„Во тоа време егото во соблекувалната беше до плафон. Големата четвртока (Ван Перси, Снајдер, Робен, Ван дер Варт) постојано беше во конкуренција. Сите сакаа да бидат ’број 1’ во селекцијата, можеби таа карактеристика ни пресуди да останеме без пехарот на Мундијалот. Сега повеќе личиме на тим во кој секој ја знае својата улога и што треба да направи за да придонесе во остварувањето добри резултати“, истакна Бабел.

Холанѓаните се во битка да обезбедат пласман на едно големо натпреварување за првпат по Мундијалот во 2014 година бидејќи не беа дел од ЕП 2016 во Франција, а ниту на минатогодишниот Мундијал кој се одржа во Русија.

- Оглас -

Најнови вести