Баерн Минхен и Фламенго го одиграа еден од најдобрите натпревари на Светското клупско првенство, но тоа мораше да заврши за една од екипите. „Баварците“ веќе се помеѓу најдобрите осум екипи во светот, откако славеа со 4-2, а таму ги чека освојувачот на Лигата на шампионите, ПСЖ.
„Баварците“ многу рано, уште во 10-тата минута имаа водство од 2-0 со автоголот на Пулгар и со погодокот на Кејн, а до крајот на првиот дел имаше уште два гола, по еден во двете мрежи. Најпрво Жерсон намали на 1-2 во 33-тата минута, а осум минути подоцна Горецка погоди за 3-1 за Баерн.
Голеадата во Мајами продолжи и во второто полувреме. Жоржињо во 55-тата минута од пенал намали на 3-2 и внесе неизвесност во мечот, но Хари Кејн со својот втор гол на овој меч во 73-тата минута стави точка на победата на Баерн и го потврди пласманот во четвртфиналето.