Поранешниот прв човек на македонскиот фудбал, Муамед Сејдини, вечерва е спроведен во 30-дневен притвор. Основниот кривичен суд го прифати барањето на Обвинителството, оценувајќи дека постои висок ризик од бегство, но и реална можност тој да влијае врз клучните сведоци во истрагата.
Истрагата за Сејдини се фокусира на кривичното дело „Проневера во служба“. Според досегашните сознанија на истражителите, тој надвор од сите законски процедури и спротивно на одлуките на Управниот одбор на ФФМ, одобрил исплата на огромен аванс.
Станува збор за сума од околу 660.000 евра, пари наменети за изградба на трибината на стадионот во Охрид. Средствата биле доделени преку развојната програма на УЕФА – „HatTrick VI“, но наместо соодветно да се менаџираат,
биле префрлени на фирма изведувач без никаква банкарска гаранција.
Исплатата била извршена и покрај тоа што Управниот одбор немал донесено таква одлука.
Обвинителството беше децидно, Сејдини не смее да остане на слобода додека трае прибирањето на доказите. Поради неговите конекции и долгогодишното влијание во фудбалските структури, судот пресече дека притворот е неопходен за да се спречи евентуално попречување на правдата.

