Баерн Минхен повторно би можел да се засили со играч на големиот ривал Борусија Дортмунд, објавува германскиот весник „Билд“. Станува збор за 20-годишното крило Џејми Гитенс, за кого интересот на Баварците се обновил во последните денови.
Иако се веруваше дека актуелниот шампион на Германија се откажал од идејата да го доведе англискиот младински репрезентативец, раководството на Баерн повторно стапило во контакт со агентите на играчот, меѓу кои е и познатиот Марко Лихтштајнер. Од 1 август, Лихтштајнер ќе го застапува и Бредли Баркола од ПСЖ – уште една потенцијална цел на Баерн.
Минхенскиот клуб активно бара ново лево крило. Првични опции беа Нико Вилијамс од Атлетик Билбао и Бредли Баркола од ПСЖ, но обете зделки изгледаат тешко остварливи. Вилијамс веќе го одби Баерн бидејќи има намера да се пресели во Барселона. Поради тоа, раководството на Баварците ги проширува опциите, а на списокот на желби се најде и Рафаел Леао од Милан.
Борусија Дортмунд порача дека не планира да го пушти Џејми Гитенс за помалку од 65 милиони евра. Договорот на англискиот офанзивец со Борусија Дортмунд е со важност до 2028 година.