Баерн им носи на Минхен и на Баварија неверојатни 4,5 милијарди евра годишно

Баерн Минхен не е само фудбалски клуб туку бренд со кој се гордее цела Германија, посебно областа Баварија. Според обемната студија на консултантската куќа SLC Management, нарачана од самиот клуб, германскиот рекордер по бројот на освоени титули генерира регионално економско влијание дури од 4,5 милијарди евра за градот Минхен и сојузната покраина Баварија секоја година.

Претседателот на клубот, Јан-Кристијан Дризен, нагласува: „Баерн е многу повеќе од фудбалски клуб, тој е дел од домот, симбол на Минхен и Баварија. Благодарение на оваа студија, можеме конкретно да покажеме каков економски придонес даваме за градот и регионот секоја година. Нашето влијание оди подалеку од спортот – создаваме работни места, додадена вредност и глобално признание“.

Најголемиот дел од оваа економска вредност отпаѓа на таканаречените видливост и промотивни ефекти, кои изнесуваат дури 3,6 милијарди евра годишно. Оваа сума е базирана на видливоста на клубот во националните и меѓународните медиуми, како на сопствените канали (вклучувајќи повеќе од 200 милиони следбеници на социјалните медиуми) така и на телевизија, во печатените и онлајн медиумите.

Според проценките, градот Минхен би морало да ги инвестира овие суми за да постигне слично ниво на видливост доколку ФК Баерн не постоеше.

Студијата вклучува и интересна анкета: кога биле прашани што најмногу поврзуваат со Минхен, 60% од испитаниците одговориле ФК Баерн, пред „Алијанц арената“ (59%) и традиционалните симболи, како што се Октоберфест, пивниците, па дури и фудбалската легенда Франц Бекенбауер (26,5%).

Исто така, околу 30% од целото медиумско известување за Бундеслигата е за ФК Баерн.

Покрај медиумската вредност, Баерн создава и значајни директни економски ефекти:

256 милиони евра годишно преку работење со регионални компании;
40 милиони евра годишно во инвестиции, на пр. во развојот на кампусот на ФК Баерн
223 милиони евра во вработувања;
198 милиони евра преку трошење во угостителската и хотелската индустрија, особено за време на деновите на натпревари, особено во Лигата на шампионите;
805.000 ноќевања годишно благодарение на Баерн;
Само преку пристигнувањата на гости и навивачи на натпреварите, ФК Баерн генерира околу 805.000 ноќевања годишно во Минхен – што претставува 4,3% од сите ноќевања во баварската престолнина.

Директорот на SLC Management, проф. Д-р Алфонс Мадеја, заклучува: „Економската димензија на професионалниот фудбал во Германија не смее да се сведе само на високите плати на играчите. Социјалните придобивки, особено за градовите и регионите, се јасно демонстрирани преку импресивни бројки, а ФК Баерн, како водечки клуб во земјата, секако е во посебна позиција тука.“

Студијата не остава сомнеж, Баерн Минхен не е само спортски, туку и економски гигант кој го движи целиот регион.

- Оглас -

Најнови вести